Човек од насловните страници: Доаѓањето на американскиот претседател Доналд Трамп во Европа секако беше светски настан број еден за минатата недела. Претседателот на САД ги оправда сите очекувања на противниците на старата дипломатска школа во која многу се зборува, а всушност малку се кажува и најважните политички пораки се скриени меѓу редовите.

Како на Самитот на НАТО во Брисел, така и при посетата на Велика Британија, Трамп беше брутално директен. Критикуваше, се закануваше, исмеваше, знаеше да „тропне“ нешто па потоа несмасно да се извинува...

Откако го напушти Брисел по крајот на Самитот на западната алијанса и замина за Лондон, веројатно ниту еден од лидерите на државите кои се американски сојузници не можеше мирно да спие. Тие што беа пофалени секако очекуваа нешто повеќе од само убави зборови, додека тие што беа критикувани заминаа дома да ги залечат раните и да бараат одговор на забелешките на Трамп.

Американскиот претседател секако беше задоволен. Неговото најново европско шоу беше многу успешно, тој постојано беше во центарот на вниманието, удираше и лево и десно и по средината, и си остави доволно време, доколку биде потребно, да се врати и да ја доврши работата.

Освен Доналд Трамп, задоволни можат да бидат и медиумите. Од минута во минута тие добиваа нови пикантерии за да ги украсат своите новинарски извештаи и коментари. Дури и медиумите кои не го сакаат или отворено го напаѓаат Трамп мораа на крајот на признаат дека кога е во акција, Трамп е секогаш човек за насловната страница.

Што ќе прави сега Берлин?: Изгледа дека во најновиот поход на Трамп најлошо помина Германија

- Планираната изградба на гасоводот „Северен Поток 2“ од Русија до Германија е многу лоша зделка за Германија, германскиот народ и за НАТО, изјави во Брисел американскиот претседател. - Тоа и го реков и на Ангела Меркел, додаде тој.

Веројатно никогаш нема да биде објавено што точно американскиот претседател и рекол на германската канцеларка на оваа тема при нивната средба во четири очи. Подготовките за изградба на „Северниот Поток 2“ се во завршна фаза и ќе биде многу интересно да се види дали Германија и Ангела Меркел се подготвени да се откажат од оваа зделка со Русија поради американскиот притисок.

Неговите барања и закани упатени до члените на НАТО да ги зголемат трошоците за одбрана веќе предизвикаа сериозни политички потреси во Берлин. Големата коалиција, која и без тоа беше на несигурни нозе, сериозно се подели околу острото барање на Трамп кој сака Германија и другите членки на НАТО да издвојуваат по два проценти од нивниот бруто домашен приозвод (БДП) за нивните армии. Германија во моментов е далеку од таа цел: Берлин издвојува скромни 1,23 проценти, а при коалициските преговори конзервативците и социјалдемократите се согласија дека ова може да се зголеми на 1,5 проценти до 2024 година.

Ова е далеку од барањата на Трамп и затоа не зачудува жестината на неговите критики со кои се нафрли врз најразвиената и најбогата земја во Европа. Во меѓувреме се јавија и неофицијални информации дека на Самитот во Брисел Трамп барал Европејците да издвојат неспоредливо повеќе пари дури и од тоа што беше договорено со партнерите во НАТО. Се спомнува дека членките за своите армии би требало да издвојуваат дури четири проценти од БДП.

Педантните Германци набрзина пресметаа дека во тој случај Берлин би требало за одбрана да издвојува 140 милијарди евра годишно, што е скоро еднакво на воениот буџет на Кина од 140,2 милијарди евра.

На човек може да му се сврти во главата од овие бројки, а тоа се гледа и во најновите испитувања на јавното мислење во Германија. Според резултатите на истражувањето на втората програма на германската телевизија ЦДФ, 45 проценти од граѓаните прифаќаат воените расходи да се зголемат на 1,5 проценти од БДП до 2024 година. Против ова се 49 проценти од граѓаните.

Едно друго прашање открива многу повеќе за моментното расположение на германските граѓани. Само девет проценти од анкетираните изјавија дека „САД и претседателот Трамп се сигурни партнери за безбедноста на Европа“. Дури 89 проценти сметаат дека Американците и нивниот лидер не се сигурен партнер.

Непослушни Турци и Индијци: Американците немаат проблем само со скржавите партнери во НАТО. Се јавуваат и други држави кои се подготвени да се спротистават на диктатот од Вашингтон. Покрај Кина, која е на прагот на отворена трговска војна со САД, заживуваат и старите непријателства со Иран, а на листата на непослушни држави се и Индија и Турција. Овие две држави се посочени поради иста причина - купувањето на рускиот систем за противвоздушна одбрана С-400.

И покрај американските притисоци - па дури и отворени закани - Њу Делхи и Анкара ги привршуваат преговорите со Русија за испорака на ова модерно оружје. Индиската Влада соопшти дека сите детали за зделката вредна неколку милијарди долари се веќе договорени со Москва.

Турскиот министер за надворешни работи Мевљут Чавушоглу решително го бранеше правото на Анкара да го купи ова оружје од Русија на Самитот на НАТО. Според договорот меѓу Анкара и Москва, првите системи С-400 би требало да и бидат испорачани на Турција при крајот на 2019 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/07/2018 12:11