Шпанија ја замени Италија како главна порта кон Европската унија за мигрантите кои патуваат преку Медитеранот, објави денеска Меѓународната организација за миграција (ИОМ).

Од почетокот на годината до 15 јули имало 18.016 пристигнувања на мигранти на шпанските брегови, во споредба со 16.566 во Италија и 14.678 во Грција, објави агенцијата на ОН на брифинг за медиумите.

Во Шпанија, пристигнувањата на мигранти речиси тројно се зголемиле во споредба со истиот период во 2017 година, во Италија се намалени за повеќе од 80 отсто, додека во Грција пристигнувањата се зголемени за повеќе од 50 отсто.

ИОМ соопшти дека пристигнувањата на мигранти во Шпанија се зголемиле во текот на изминатите 45 дена со 220 пристигнувања во просек дневно, во споредба со 54 на ден во првите пет месеци од 2018 година.

Во Италија, падот на пристигнувањата се совпадна со положувањето заклетва на популистичка влада на 1 јуни која води построга политика кон мигрантите.

Министерот за внатрешни работи, Матео Салвини им забрани пристап до италијанските пристаништа на добротворни бродови кои спасуваат мигранти и предложи сите оние кои се спасени на море да бидат вратени во Либија.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/07/2018 14:49