Полицијата на јужната германска сојузна покраина Баварија од денеска почнува да патролира долж границата со Австрија, јави новинската агенција ДПА.
Баварските власти постигнаа договор со сојузното Министерство за внатрешни работи, со кое раководи доскорешниот баварски премиер Хорст Зехофер, со кој регионалната полиција може да врши контроли на границата.
Според договорот, баварската полиција нема да може да реагира самостојно, туку само во согласност или на барање на сојузната германска полиција.
Баварските полицајци воедно нема да имаат овластување да ги враќаат евентуално пресретнатите илегални мигранти назад во Австрија.
Премиерот на Баварија Маркус Зедер лично ќе го најави почетокот на овие полициски патроли на граничниот премин Киршдорф ам Ин.