Над 20 интервенции за гаснење пожари имале припадниците на Територијалната противпожарна единица од Кочани само во текот на месецов, а зголемен интензитет е регистриран во изминатиот викенд, со што за една петина е надминат месечниот просек.
Палењето стрништа и остатоци во нивите, како и отпадоци на дивите депонии во околината на населените места ги принудиле пожарникарите во последните три дена да имаат просечно по три интервенции за да го спречат ширењето на огнот во засеаните земјоделски површини.
Според евиденцијата во противпожарната единица, само викендов е регистрирано опожарување на земјоделска површина од околу 20 хектари, при што опасно загрозени биле и населените места во близина на огнот.
- Викендов гасневме голем пожар на околу стотина метри од селото Грдовци предизвикан од запалена слама по жетвата на житата, а само со брзата и навремена интервенција спречивме огнот да се прошири на блиските куќи. Освен тоа, нашите екипи со возилата излегоа неколкупати и на територијата на соседните општини Зрновци и Чешиново-Облешево каде деновиве заврши жетвата и сега земјоделците интензивно ги палат стрништата за да ги исчистат нивите, истакна Благој Паунов, командир на ТППЕ – Кочани.
Според Паунов, палењето на стрништата не ја загрозува безбедноста само на населените места, туку покрај еколошкиот аспект, претставува опасност и за возачите, бидејќи густиот чад и пламенот чадот често ги прекриваат сообраќајниците, особено магистралниот пат А3.
Кочанските пожарникари за наредните денови најавуваат засилени контроли на терен што ќе се реализираат во соработка со инспекциските служби, при што ги потсетуваат граѓаните дека паричните казни за незаконско палење стрништа и оган на отворен простор изнесуваат и до 1.000 евра.