Општина Битола информира дека училиштата чиј основач е локалната самоуправа кон разни добавувачи за извршени услуги должат 4,5 милиони евра.

Во соопштението до јавноста испратено преку секторот за односи со јавност, градоначалникот на општина Битола Наташа Петровска, истакнува дека со блокирани сметки се најголем дел од основните училишта и две општински средни училишта.

- Ваквата затекната состојба во образованието, која со години наназад се провлекува во битолските училишта, може да донесе и дополнителни проблеми во нивното работење. Училиштата се во незавидна финансиска состојба, а напоредно со висината на долгот на училиштата од 4,5 милиони евра, нема законска можност да се платат дел од долговите на блокираните училишта кон надворешните добавувачи, бидејќи цесиите законски не се дозволени, појаснуваат од тамошната локална самоуправа.

Општината во рамките на своите можности за надминување на ваквата наследена состојба во образовниот процес презема мерки, а една од нив е навремено информирање до сите владини надлежни институции за овој проблем. Побарано е истите да се вклучат во решавање и надминување на проблемот со блокираните сметки и евентуалните реакции на добавувачите, поради неисплатените долгови на училиштата и можните натамошни последици, се посочува во јавното соопштение на градоначалникот Петровска.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/07/2018 15:08