Со бесплатни анализи за рано откривање рак на простата и на дебелото црево општина Кочани ја прошири листата на услуги во Програмата за социјална, детска и здравствена заштита за лицата од социјално ранливите категории.

Се работи за социјална и родово сензитивна мерка за основни систематски прегледи со анализи, како превенција на најчестите канцерогени болести кај жените и кај мажите.

Донесен е правилник и постигнат е договор за соработка со Општата болница со проширена дејност од Кочани, со што се уредени начинот и условите за одобрување на финансиската помош со која социјално загрозените граѓани ќе можат да користат два вида лабораториски услуги: основна контрола и посебни анализи за откривање рак на простата и рак на дебелото црево.

– Оваа мерка е внесена за да создаде можност за превенција од тешките болести кај социјално ранливите групи, но и како родово одговорна мерка од областа на здравствената заштита во која им се дава еднаков пристап до здравствените услуги и на жените и на мажите – соопштуваат од Секторот за општи и правни работи од општина Кочани.

Посебните анализи со тумор-маркери на простата и на дебелото црево се земени според процентот, односно порастот на бројот на заболени во Кочанско од овие тешки болести кај двата пола.

Финансиската помош за анализи и лабораториски услуги за рано откривање болести е во висина од 2.000 денари по барател, а според програмските документи на општината, за овие лабораториски услуги годинава се определени 30 илјади денари.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/07/2018 15:09