Градоначалниците од единаесетте општини од Источниот плански регион договараат регионален пристап во третирањето на комарците и на бездомните кучиња.
Иницијативата беше дадена на последниот состанок на Центарот за развој на регионот во Берово, со заклучок дека е потребно заедничко дејствување за да се постигне поголема ефикасност со истите трошоци.
- Од досегашната пракса е јасно дека прскањето против комарците во секоја општина одделно и во различен временски период не го решава проблемот, поради што договараме во наредниот период тоа да се прави координирано. Во општина Кочани досега реализиравме две фази на прскање со авион и од земја, за што потрошивме околу 1,5 милион денари, но не видовме забележителен ефект. Наша оценка е дека треба да побараме мислење и совет од стручни лица кои би ни презентирале решение за поголема ефикасност во третманот на комарците, истакна Николчо Илијев, претседател на Советот на градоначалници од Источниот регион.
Заеднички пристап и регионален третман се договара и за справувањето со кучињата скитници за да се обезбеди поголема заштита на населението. Се разгледуваат неколку опции, меѓу кои и предлогот за изградба на регионално прифатилиште за бездомните животни.
Надлежноста за третман на кучињата скитници Општина Кочани ја делегираше на комуналното претпријатие „Водовод“ кое има договор со фирма од Куманово во вредност од над 470 илјади денари за една година. Сепак, граѓаните постојано реагираат на квалитетот и начинот на кој се третираат животните.