Во Општина Куманово денеска ќе биде промовирана Младинска повелба за мир, документ со препораки за надминување на меѓуетнички конфликти и зајакнување на соработката и дијалогот помеѓу заедниците.
Повелбата за Мир содржи ставови и барања на стотина младинци од различна етничка припадност од општините Куманово, Крива Паланка, Старо Нагоричане, Липково и Кратово, кои преку низа настани имаа можност меѓусебно да се запознаат, да проговорат за своите проблеми, да предложат и побараат решенија за нивно надминување, како и да преземат заеднички акции за подобрување на интеракцијата и соработката помеѓу младите.
Повелбата за мир ќе биде промовирана во рамки на завршниот настан организиран за презентација на резултатите од реализација на проектот „Зајакнување на соработката и дијалогот помеѓу заедниците преку Охридскиот Рамковен Договор (ОРД)” финансиран од Европската Унија и кофинансиран од Шведската Агенција за Меѓународен Развој и Соработка, Сида.