Националната кампања „На секое дете му треба семејство“ денеска продолжи во Битола со промоција на идејата што помалку деца да има во институциите и што повеќе семејства да згрижат дете.
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска истакна дека очекува во Битола да се зголеми бројот на згрижувачки семејства затоа што во овој момент во овој град ги има само четири.
- Сакаме секое семејство во Македонија, па и секој поединец којшто има љубов за давање, да згрижи дете пред тоа да влезе во институција, и без разлика дали тоа дете е со типичен или атипичен развој. Секое дете има потенцијал во себе. Битола ќе ја трансформираме затоа што сакаме до 2020 година да нема ниту едно дете на возраст од 0 до 3 години во институција, а во Битола, во институцијата што згрижува деца, се токму на таа возраст. Но сакам да посочам и дека ниту еден вработен во таа институција по нејзината трансформација нема да остане без работа, рече Царовска.
Според градоначалникот на Битола Наташа Петровска, кампањата е навремена и во функција на секое дете на кое му треба семејство, а локалната самоуправа ќе донесе одлуки со кои ќе им се овозможи на згрижувачките семејства да имаат услови со кои ќе може да одговорат на предизвикот.
- Нам ни требаат здрави генерации. Нам ни треба иднина, а таа е во децата. Затоа, кога зборуваме за децата и за тоа како од нив да направиме здрави личности, со силен дух и кои ќе умеат да се изборат со предизвиците на животот, тогаш не треба „купување време“, туку потребна е вистинска љубов, грижа и посветеност, рече Петровска на промотивниот настан кој беше збогатен со уметничка програма од деца за деца.