Промоцијата и унапредување на природните вредности на врвот Лисец на Плачковица е еден од адутите на општина Виница за развој планинскиот туризам.

Главен приоритет на локалната самоуправа е да се создадат инфраструктурни услови, а подоцна да се направи и урбанизирање на десетина хектари што би се понудиле како парцели за изградба на викенд куќи и угостителски објекти.

- Сстанува збор за се уште непознат и недоволно откриен планински потенцијал што го нуди Плачковица, поради што сакаме да им го доближиме на домашните, но и на гостите од странство. Заедно со урбанизирањето на локалитетот Маринково, во план е да се изгради и асфалтира патот од селото Градец до врвот Лисец во должина од околу 20 километри, а за што финансиска поддршка ќе бараме од домашни и меѓународни фондови, истакна Ивица Димитров, градоначалник на Виница.

Освен промоцијата и искористувањето на потенцијалите на планината Плачковица, проектот треба да даде и позитивне економски ефект за општинскиот буџет од продажбата на градежните парцели.

Општината со сопствени средства, пак, ќе учествува во изградбата на водоводната и канализациската мрежа на локалитетот каде што ќе се прави урбанизацијата на Лисец.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/07/2018 15:11