Во писмо испратено до својот персонал на 27 јули, Европската комисија и Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) ги информира вработените со британско државјанство, кои работат во дипломатските претставништва на ЕУ низ светот, дека ќе треба да се вратат до септември 2019 година.

Како што јави дописничката на МИА од Брисел, амбасадорите и високите дипломати ќе мораат да се повлечат до крајот на март 2019 година, додека пониските ешалони имаат рок до септември да се вратат во Брисел, кога се обновуваат мандатите на ЕЕАС.

Сепак, повеќето британски дипломати во ЕУ ќе ги задржат работните места, се прецизира во писмото, благодарение на исклучоци предвидени во правилникот на институциите на ЕУ.

Оние кои не се вработени и се со привремени договори, а имаат само британско државјанство ќе бидат отпуштени, како и оние за кои ќе биде утврден конфликт на интереси, се наведува во писмото. Понатаму нема повеќе да се вработуваат Британци во дипломатските претставништва на ЕУ.

Преговорите за Брегзит се во ќор-сокак веќе повеќе месеци, откако двете страни влегоа во суштината на преговорите и се поизвесно станува дека не е исклучено да не биде постигнат договор кој ќе ги утврди модалитетите на напуштањето на Велика Британија на ЕУ.

Во тој случај, односно при Брегзит без договор, ЕУ и Лондон најавија дека се подготвуваат за најхаотичните сценарија, вклучително и празни продавници, километарски редици на граничните премини и правна неизвесност за граѓаните на ЕУ кои живеат во Велика Британија.

Велика Британија треба да ја напушти ЕУ на 30 март 2019. Доколку до тогаш Брисел и Лондон не постигнат договор, нема да има транзициски период за Велика Британија.

Тоа значи дека нема да бидат решени клучните прашања: границата со Северна Ирска, и оттаму заштитата на внатрешниот пазар на ЕУ, правната заштита на граѓаните на ЕУ во Велика Британија, односно дали за нив се уште ќе важат одлуките на Европскиот суд на правдата, и за крај нејасно е какви ќе бидат трговските односи помеѓу ЕУ и Велика Британија.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/08/2018 10:24