Претседателот на САД, Доналд Трамп денеска потпиша указ за повторно воведување бројни санкции кон Иран, најавувајќи дека дека американската политика ќе изврши „максимален економски притисок“ врз Техеран.

Трамп во соопштението наведе дека меѓународниот договор за стопирање на иранската нуклеарна програма во замена за укинување на санкциите е „страшен, едностран договор“ со кој иранската Влада зарабори пари кои ги користи за ширење конфликти на Блискиот Исток.

- Ги повикуваме сите држави да преземат чекори кои покажуваат дека иранскиот режим се соочува со избор: или да ги смени своето заканувачко, дестабилизирачко однесување и да се реинтегрира во глобалната економија или да продолжи по патот на економска изолација, посочи Трамп.

Тој предупреди дека сите тие кои нема да ги прекинат економските врски со Иран „ризикуваат тешки последици“.

Санкциите, кои се насочени кон финансиските трансакции, увозот на суровини, како и на автомобилскиот сектор и комерцијалната авијација, стапуваат во сила утре. Од ноември треба повторно се воведат и санцкиите врз увозот на иранска нафта.

САД се повлече од мултилатералниот Договорот за иранската нуклеарна програма во мај, и им остави на другите партнери транзициски период пред да ги воведе повторно санкциите. Договорот е потпишан во 2015 година, со кој се ограничува производството на збогатен ураниум во Иран, клучна состојка за создавање нуклеарно оружје. За возврат беа укинати низа санкции кон Иран, што и овозможи на државата да си поврати милионски суми замрзнати во западни банки.

Европската унија во текот на денот изрази жалење поради одлуката на САД за враќање на претходно укинатите санкции кон Иран и најави дека од утре ќе стапат во сила мерките за заштита на интересите на европските компании што соработуваат со ирански фирми.

- Длабоко жалиме затоа што САД ги враќаат санкциите по нивното повлекување од Заедничкиот сеопфатен акциски план, се наведува во заедничко соопштние на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и шефовите на дипломатиите на Велика Британија, Германија и Франција.

Заеднички сеопфатен акциски план е официјалниот назив на договорот за иранската нуклеарна програма, што во 2015 година го постигнаа Иран и петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН плус Германија.

Во соопштението се нагласува и дека од утре ќе стапат во сила мерките на ЕУ за заштита на европските компании што соработуваат со Иран „од последиците на американските санции“.

- Решени сме да ги заштитиме европските компании кои водат легален бизнис со Иран во согласност со законодавството на ЕУ и резолуцијата 2231 на Советот за безбедност на ОН, се нагласува во соопштението.

Четворицата европски дипломати исто така истакнуваат дека очекуваат од Техеран да продолжи целосно да ги почитува своите обврски од Договорот за иранската нуклеарна програма, со чие потпишување беа укинати западните санкции кон Иран.

- Укинувањето на санкциите е основен елемент на договорот, кој има за цел позитивно да влијае врз трговските и економските односи со Иран, но и врз животот на иранскиот народ, се наведува во заедничкото соопштение, во кое се нагласува посветеноста на ЕУ за опстојување на договорот за иранската нукеларна програма и покрај повелкувањето на САД од него.

Мерките за заштита на европските компании, кои ќе стапат во сила утре во шест часот, им овозможуваат на фирмите со седиште во ЕУ да добијат надомест за претрпените штети од американските санкции кон Иран.

Со мерките, исто така, на европските фирми им се забранува почитување на „екстериторијалните санкции на САД, со исклучок на случаите кога за нешто такво специјална долука ќе донесе Европската комисија“.

Претходно, шефот на иранската дипломатија Мохамад Џафад Зариф дека лидерите на САД, на Саудиска Арабија и на Израел, Доналд Трамп, Мохамед бин Салман и Бенјамин Нетанјаху се „изолирани“ во нивното спротиставување на Иран.

- Целиот свет денеска изјави дека нема да се согласи со американската политика против Иран. Прашајте кого сакате во светот и сите ќе ви кажат дека Нетанјаху, Трамп и Салман се изолирани, а не Иран, посочи Зариф.

Тој изјавата ја даде пред Трамп да го потпише указот за повторно воведување на санкции кон Иран.

- Се разбира дека американските закани и политички притисок можат да провоцираат конфузија, но факт е, дека во современиот свет Америка е изолирана, посочи Зариф.

Тој додаде дека Саудиска Арабија и Израел „сакаат да создадат психолошка тензија против Иран... Ние ќе го надминеме овој тежок период“.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/08/2018 19:50