Влезе во сила одлуката на САД одново да наложи санкции на Иран, кои беа повлечени по историскиот договор за нуклеарната програма на Техеран во 2015 година, јави ДПА. Во мај, американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека официјален Вашингтон се повлекува од договорот.

Првата група санкции, кои се однесуваат на финансиските трансакции, автомобилскиот сектор, трговската авијација и извозот на килими и прехранбени продукти, стапи во сила на полноќ, по источноамериканско време (6 часот по македонско).

Во ноември ќе стапат во сила втората група санкции, кои се однесуваат на енергетскиот и банкарскиот сектор на Иран.

По потпишувањето на указот за повторно воведување санкции, Трамп во соопштение наведе дека меѓународниот договор за запирање на иранската нуклеарна програма во замена за укинување на санкциите е „страшен, едностран договор“ со кој иранската Влада заработи пари кои ги користи за ширење конфликти на Блискиот Исток.

„Ги повикуваме сите држави да преземат чекори кои покажуваат дека иранскиот режим се соочува со избор: или да ги смени своето заканувачко, дестабилизирачко однесување и да се реинтегрира во глобалната економија или да продолжи по патот на економска изолација“, се наведува во вчерашното соопштение на Трамп.

Тој предупреди дека сите тие кои нема да ги прекинат економските врски со Иран „ризикуваат тешки последици“.

Европската унија во текот на вчерашниот ден изрази жалење поради одлуката на САД за враќање на претходно укинатите санкции кон Иран и најави дека од денеска стапуваат во сила мерките за заштита на интересите на европските компании што соработуваат со ирански фирми.

Мерките за заштита на европските компании, кои стапија во сила денеска во шест часот по средноевропско време, им овозможуваат на фирмите со седиште во ЕУ да добијат надомест за претрпените штети од американските санкции кон Иран.

Со мерките, исто така, на европските фирми им се забранува почитување на „екстериторијалните санкции на САД, со исклучок на случаите кога за нешто такво специјална долука ќе донесе Европската комисија“.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/08/2018 10:43