Европската комесарката за правда Вера Јурова, најави дека Европската Комисија ќе презема мерки да се справи со сѐ побројните „купени“ пасоши од ЕУ земји и изрази „длабока загриженост“.

Неколку земји во Европската Унија, како Малта и Кипар, нудат нивни пасоши во замена за инвестиции. Овие програми, попознати како „државјанство за инвестиција“, одамна се мета на критики внатре во ЕУ, бидејќи добивањето ЕУ пасош значи слободен пристап до внатрешниот пазар на Унијата и Шенген зоната. Кипарските „златни визи“, на пример, најчесто им се доделуваат на руски бизнисмени.

- Доделувањето државјанство претставува сериозен ризик затоа што на тие што го добиваат им ги дава сите права на ЕУ државјаните и им дозволува слободно да се движат низ Унијата. Некои земји членки треба да направат повеќе да се осигураат дека државјанството не им се доделува на криминалци кои ја ставаат во опасност безбедноста во Европа или кои сакаат да перат пари. Не сакаме тројански коњи во Унијата, изјави Јурова во интервју за Ди Велт.

Комесарката порача дека очекува од земјите членки да преземат мерки против овој феномен и дека ќе ги повика набрзо да усвојат нови закони против перење пари во ЕУ.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/08/2018 12:26