Организацијата за забрана на хемиското оружје (ОПЦВ) денеска соопшти дека нејзини инспектори наскро ќе отпатуваат во Велика Британија за да приберат дополнителни докази за труењето на двајцата Британци со нервниот агенс „новичок“ во јуни годинава.

Предвидено е инспекторскиот тим да прибере дополнителни примероци и да ги испрати на анализи во референтни лаборатории.

Владата во Лондон минатиот месец побара од ОПЦВ да ја идентификува супстанцата со која беа затруени Британците, Чарлс Роули и Дона Старџес, за која британските експерти утврдија дека е „новичок“, односно истиот агенс со кој во март годинава беа затруени поранешниот руски двоен агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија.

Роули (45) и Старџес (44) се пожалија на мачнини во местото Ејмсбери, откако биле изложени на отровна супстанца во близина на локацијата на која беа затруени Сергеј и Јулија Скрипал. Страџес почина како последица на труењето, додека Роули се опорави и на 20 јули беше испуштен од болница.

ОПЦВ најави дека ќе испрати нов инспекторски тим во Велика Бритабнија, откако весникот „Гардијан“, повикувајќи се на владини извори, објави дека Лондон се подготвува да побара од Москва екстрадиција на две лица осомничени за труењето на Сергеј и Јулија Скрипал.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/08/2018 16:46