Американскиот државен секретар Мајк Помпео во телефонски разговор со рускиот министер за надворешни работи порача дека САД сакаат подобри односи со Русија, соопшти синоќа портпаролката на Стејт департментот, Хедер Нојерт.

Таа нагласи дека Помпео истакнал оти САД се отворени за дијалог со Русија, додека Лавров му го пренел противењето на Москва на најавените нови американски санкции кон руската држава.

Американскиот Стејт департмент во средата соопшти дека САД на 22 август ќе воведат нови санкции кон Русија, поради „употребата на хемиско оружје во обидот за атентат“ врз поранешниот руски двоен агент Сергеј Скрипал во Велика Британија во март годинава.

Претходно, руското Министерство за надворешни работи информираше дека во телефонскиот разговор Лавров му порачал на Помпео дека Москва категорично ги отфрла новите санкции на САД.

- Од руска страна беше порачано дека катергорично ги отфрла санкциите, што неодамна ги најави Вашингтон врз основа на претпоставената информација за учество на Русија во т.н. случај Скрипал, соопшти руското Министерство.

Во соопштението натаму се наведува дека Лавров и Помпео се договориле да продолжат со дијалогот за сите теми што се во интерес на Москва и Вашингтон.

- Разгледани беа серија прашања од меѓународната агенда, вклучително и за состојбата во Сирија, како и други теми за кои разговараа претседателите на Русија и САД во Хелсинки на 16 јули, се наведува во соопштението, во кое се нагласува дека телефонскиот разговор се одржал на иницијатива на Вашингтон.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/08/2018 10:48