Се претпоставува дека милиони кинески Ујгури се затворени во „центри за борба против екстремизмот“ во западните делови на Кина, соопшти Комисијата на ОН за надминување на расната дискриминација.
- Комисијата изразува сериозно вознемиреност поради информациите за затворање на етнички Ујгури и припадници на други муслимански малцинства, со што под изговор за борба против верскиот екстремизам и зачувувањето на општествената стабилност, Ујгурскиот автономен регион Синџанг е претворен во нешто што наликува на огромен концентрационен логор, изјави потпретседателската на Комисијата, Геј Мекдугал.
Според неа, околу два милиони Ујгури се затворени во логори за превоспитување, каде што се изложени на политичка и културна индоктринација.
- Против поголемиот број затворени не се покренати никави обвиненија, ниту пак биле изведени пред суд, нагласи Мекдугал.
Таа не ги наведе изворите на овие информации, но бројките што ги изнесе се слични со оние посочени во извештај на Мрежата на кинески организиции за заштита на човековите права, доставен до Комисијата.
Сепак, како што јави ДПА, други организации за заштита на човековите права изнесуваат далеку помали бројки за затворени Ујгури. Така, Хјуман Рајтс Воч наведува дека во кинеските центри за политичко превоспитување има „најмалку десетици илјади“ Ујгури, а слични бројки посочува и Амнести интернешанл.