Турското Министерство за внатрешни работи денеска соопшти дека ги презема „неопходните мерки“ во врска со објавите на социјалните мрежи за состојбата во економијата и курсот на турската лира, кои би можеле да имаат негативно влијание врз „економската безбедност на Турција“.
Во соопшението на Министерството се посочува дека од 7 август се утврдени 346 профили на социјалните мрежи на кои на провокативен начин се објавени коментари за економската состојба и падот на вредноста на лирата и против нивните сопственици се преземени соодветни правни мерки.
Турската телевизија Си-Ен-Ен Турк јави дека Јавното обвинителство од Истанбул започнало истрага против лица кои се осомничени дека со своите активности ја загрозуваат економската безбедност на Турција.
- Турција стана предмет на економски напади, изјави за телевизијата извор од Обвинителството, најавувајќи дека властите ќе преземат правни мерки против сите лица за кои се смета дека помагаат во спроведувањето на тие напади.
Во меѓу време, потпаролот на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, Ибрахим Калин порача дека турската економија е силна и дека луѓето не треба да обрнуваат внимание на разните шпекулации.
Тој нагласи дека Министерството за финансии, Централната банка, Комисијата за пазарот на капитал и другите институции ги преземаат неопходните мерки за задржување на финансиската стабилност.
Ердоган вчера оцени дека падот на вредноста на турската лира и осцилациите на нејзинот курс неможат да се објаснат логично, освен дека станува збор за заговор против Турција.
Обраќајќи се на собир на свои приврзаници во градот Трабзон, Ердоган трет ден по ред, апелираше до Турците да ги менуваат своите заштеди во евра и долари во турски лири, со што би придонеле за зајакнување на вредноста на националната валута.
Турската лира од почетокот на годината загуби 35 проценти од својата вредност, што според експертите е резултат на тензиите во односите меѓу Анкара и Вашингтон, но и на обидите на Владата на Турција да воспостави контрола врз монетарната политика на земјата.