Проблеми за илјадници туристи создава штрајкот на грчката поморска федерација, поради кој бродовите веќе втор ден се закотвени на пристаништата.

Оние кои за да го поминат летниот одмор одбрале да посетат некој грчки остров користејќи го бродскиот сообраќај, сега не можат да се вратат.

Радиото „Атина 984“, повикувајќи се на статистичките податоци од бродските компании, објави дека во текот на септември околу 150.000 патници дневно користат бродови, а со тоа, проценките се дека во дводневниот штрајк, околу 300.000 лица остануваат заглавени и не можат да стигнат до нивната дестинација.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, проблеми има не само за туристите, туку и за они кои живеат на островите, со оглед на тоа дека блокирани се и камионите кои ги снабдуваат островите со храна и неопходни продукти.

Голем дел од населените грчки острови немаат аеродроми, а со копнениот дел од земјата се поврзани само со бродови.

Причината за штрајкот, за кој постои опасност да продолжи и во следните денови се колективните договори за екипажите на бродовите.

Од федерацијата бараат зголемување за пет отсто на колективните договори, додека пак од компаниите предложиле зголемување за еден отсто сега и уште еден отсто од први јуни 2019, нешто што не било прифатено од Поморската федерација на Грција.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/09/2018 10:37