Полицијата на Косово, во соработка со Специјалното обвинителство, спроведе денеска, по неколкумесечна истрага, обемна акција на 14 локации во четири града, при што уапси 20 лица осомничени за „неовластени компјутерски упади“ и „измама“, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во заедничкото соопштение на полицијата и обвинителството се наведува дека во спроведувањето на операцијата учествувале околу 120 припадници на косовската полиција, како и германски официјални лица, обвинители и полициски службеници.
Акцијата е спроведена во Приштина, Урошевац, Качаник и Клина и во неа, како што е соопштено, се запленети 120 илјади евра готови пари, пет автомобили, финансиски средства во банки, недвижен имот, 30 компјутери, 30 телефони, мемориски уреди и други документи и докази релевантни за случајот.
„По налог на обвинител од Специјалното обвинителство, десетмина осомничени се задржани во притвор во траење од 48 часа, додека други десетмина осомничени се пуштени во редовна постапка“, се наведува во соопштението.
Според медиуми во Приштина, денешната акција била насочена против неколку таканаречени „кол-центри“ кои функционираат во Косово, а кои нелегално, преку компјутерски криминал, финансиски оштетиле повеќе лица, главно повозрасни, во Германија.