Рускиот претседател Владимир Путин денеска и предложи на Јапонија двете земји да потпишат мировен договор до крајот на годинава, без предуслови.

Јапонија и Русија немаат формално склучено мир по Втората светска војна, поради спорот околу суверенитетот над Курилските Острови.

- Ајде да склучиме мировен договор. Не сега, но до крајот на годината, и тоа без предуслови, му порача Путин на јапонскиот премиер Шинзо Абе, кој го посети Источниот економски форум во Владивосток.

Путин изјави дека Јапонија е клучен партнер со кого Русија сака да има добри билатерални односи.

Абе се согласи дека е важно да се има добра соработка меѓу Токио и Москва, во интерес на мирот во светот.

Во своето обраќање Путин го осуди распоредувањето на елементи од американскиот штит за противракетна одбрана на Далечниот Исток.

Според Путин, поставувањето на радарските и ракетните системи од штитот, кој е насочен пред се кон Северна Кореја, претставува голем проблем за безбедноста на регионот.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/09/2018 18:21