Европската Комисија денеска го стави на маса предлогот за укинување на сезонското сметање на времето, откако јавната консултација со граѓаните донесе рекордно висок број да одговори во текот на ова лето.

-Поместувањето на часовникот мора да престане. Земјите членки треба да одлучат дали нивните граѓани ќе живеат по летно или по зимско време. Очекувам Парламентот и Советот да го споделат овој став и да изнајдат решение кое ќе функционира за нашиот внатрешен пазар, изјави денеска претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер, за време на неговото обраќање пред Европскиот парламент.

Сезонското менување на времето постои од седумдесеттите години на минатиот век со цел енергетска заштеда, но Европската Комисија смета дека во 2018 ова нема повеќе смисла бидејќи, според експертски студии, енергетската заштеда е маргинална, а импактот врз здравјето на граѓаните е се поголем, стои во објаснувањето на ЕК.

Предлогот на ЕК треба да биде одобрен од Европскиот Парламент и од земјите членки на ЕУ за да стапи на сила.

Земјите членки ќе треба да се договорат за тоа кое време ќе се усвои – зимското или летното.

Доколку помине предлогот последното поместување на стрелките часовниците би се случило во 2019.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/09/2018 19:34