Полското Министерство за надворешни работи најави дека ќе застане во одбрана на Унгарија, доколку во Европскиот совет се гласа за санкции кон Унгарија, јави дописничката на МИА од Брисел.

- Секоја земја има суверено право да ги прави реформите кои смета дека се потребни. Акции против земји членки служат само за дополнително продлабочување на поделбите во ЕУ и зголемување на недовербата на граѓаните во институциите, порача полското Министерство.

Европскиот парламент вчера гласаше за активирање на членот 7 од Повелбата на ЕУ против Унгарија, односно за суспензија на правото на глас на земјата во Европскиот совет поради нарушување на владеењето на правото, контрола врз медиумите, корупција и прекршување на европските стандарди и вредности.

Полска е исто така под лупа на европските институции поради мешање во независноста на судството и на медиумите.

За да се активира членот 7 и да се суспендира правото на глас на земја членка во Европскиот совет, освен двотретинско мнозинство во Европскиот парламент, потребна е и едногласна поддршка од сите останати земји членки на ЕУ.

Уште од претходно беше извесно дека Полска ќе блокира секаков обид во Советот за „нуклеарната опција“ против Унгарија.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/09/2018 17:22