Двајцата Руси кои Лондон ги идентификува и ги обвини дека се одговорни за труењето на поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка, денеска рекоа дека во март туристички биле во Солзбери.

Во интервју за руската телевизија РТ двајцата мажи, кои личат на двајцата осомничени чии фотографии беа објавени во Британија, рекоа дека го посетиле Солзбери во март, нарекувајќи го „прекрасен град“ и оти сакале да ја посетат познатата катедрала во градот.

Тие исто така потврдиле дека се викаат Александер Петров и Руслан Боширов, како што наведоа британските власти кои ги обвинуваат дека се агенти на руската воена разузнавачка служба ГРУ.

Британија наведе дека Боширов и Петров се агенти на воената разузнавачка служба кои се испратени во Солзбери да го отрујат поранешниот руски агент Скрипал и неговата ќерка. Британија објави снимки од надзорни камери на кои се гледа како тие се шетаат во населбата на Скрипал.

Нивното појавување на руската телевизија следуваше откако рускиот претседател Владимир Путин вчера изјави дека во Русија се пронајдени двајцата осомничени, кои се цивили, а не агенти на руската воена разузнавачка служба како што тврдат Британците, и кои не направиле ништо незаконско.

Путин, кој говореше на економски форум, ги повика двајцата мажи да се појават во некои медиуми и да ја раскажат својата приказна.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/09/2018 19:10