Американскиот претседател Доналд Трамп денеска му изрази силна поддршка на кандидатот за судија на Врховниот суд на САД Брет Кавано, кој беше обвинет за сексуален напад извршен кога имал 17 години од страна на тогашната соученичка Кристина Блејзи Форд.

- Судијата Брет Кавано е добар човек со беспрекорен углед, кој е нападнат од страна на радикални левичарски политичари кои не сакаат да ги слушнат неговите одговори, само сакаат да го уништат и да го одложат неговото именување. Фактите не им се важни. И јас се соочувам со истото секој божји ден во Вашингтон. Не се сомневам дека, ако нападот врз доктор Форд бил толку тежок како што таа сега тврди, веднаш ќе покренела обвинение пред Локалните Полициски Сили - или таа, или нејзините загрижени родители. Барам да ги покаже поднесоците до полицијата за да го дознаеме денот, времето и местото на нападот!, напиша Трамп на Твитер.

Иако се очекуваше именувањето на овој конзервативен судија на влијателната позиција во Врховниот суд на САД да помине без поголеми потешкотии, имајќи предвид дека Републиканската партија има мнозинство во Сенатот, при крајот на неговото сослушување Демократската партија излезе со сведоштвото на доктор Кристина Форд, за нападот наводно извршен при средношколска забава во Вашингтон во 1982 година.

Републиканците сакаат да го завршат процесот на именување на судијата пред ноември, кога се одржуваат избори за Конгресот, и на кои евентуална демократска победа би можела да го спречи именувањето на судијата Кавано. Тие и понудија на Форд да сведочи на отворена или затворена Комисија на Сенатот во понеделник, но таа бара првин ФБ И да изврши истрага, што би го одложило именувањето на Кавано по ноември. Меѓу барањата на Форд се и Кавано да сведочи прв, пред да може да го слушне нејзиното сведоштво.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/09/2018 19:28