Турција се надева дека денеска ќе влезе во резиденцијата на саудискиот конзул во Истанбул во врска со исчезнувањето на саудискиот новинар Џамал Кашоги.
Ова беше соопштено по состанокот меѓу американскиот државен секретар Мајк Помпео и турскиот министер за надворешни работи Мевљут Чавушоглу.
Чавушоглу истакна дека разговорите со американскиот колега биле „корисни“.
Помпео беше во куса посета на Турција откако вчера во Ријад се сретна со саудискиот крал, со престолонаследникот и со министерот за надворешни работи на Саудиска Арабија.
Турската полиција вчера не ја претресе резиденцијата на саудискиот конзул во Истанбул, затоа што саудиски претставници не можеле да присуствуваат.
Во меѓувреме, тускиот министер за внатреши работи Сулејман Сојлу изјави дека турската страна се уште не ги решила сите прашања со Саудијците во врска со претресот на резиденцијата на нивниот конзул во Истанбул во рамките на истрагата за исчезнатиот саудиски новинар Џамал Кашоги.
Според него, иако во принцип е дозволено да се изврши претрес, неопходно е да се постигне согласност со саудиската страна за почеток на претресот.
- Тоа е случај кој не не засега само нас. За претрес на резиденцијата се чека заедничка согласност, рече тој.
Кашоги (59) исчезна на 2 октомври откако влезе во Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул. Тој ја напушти Саудиска Арабија минатата година откако ја критикуваше саудиската политика во Јемен и притисокот што се врши врз критичарите на власта.