Рускиот претседател Владимир Путин и неговиот египетски колега Абдел Фатах ал Сиси потпишаа договор за стратешка соработка, со цел зајакнување на трговските и другите врски меѓу двете земји.
Договорот е склучен на крајот на тридневната посета на Ал Сиси на Русија.
За време на разговорите, тој ја повика Русија да ги обнови летовите до египетските летувалишта што беа прекинати откако терористичката „Исламска држава" постави бомба и урна руски авион над Синај, предизвикувајќи смрт на сите 224 луѓе, пренесува БТА.
Во април, летовите меѓу Москва и Каиро беа обновени откако Египет ја подобри безбедноста на аеродромот, но директните летови до египетските летувалишта на Црвеното Море се уште не се обновени. По разговорите во Сочи, Путин рече дека тој и Ал Сиси разговарале за тоа прашање, и египетските власти направиле се што е потребно за да се подобри безбедноста на летовите.
- Ќе се обидеме да продолжиме со чартер летови на овие правци што е можно поскоро, увери рускиот претседател, додавајќи дека исто така се разговарало за воените односи и трговијата со оружје, истакнувајќи дека руските и египетските падобранци спровеле заедничка обука во Египет .
- Потпишаниот договор за партнерство и стратешка соработка ќе отвори ново поглавје во историјата на нашите односи и ќе ги води двете земји кон нови хоризонти, рече Ал Сиси.
Ова е четврта посета на Ал Сиси на Русија од 2014 година, кога дојде на власт. Путин два пати го посети Египет - во 2015 и 2017 година. Египет потпиша договори за купување руски оружја за милијарди долари, вклучувајќи ги авиони и хеликоптери. Договор за изградба на нуклеарна централа во Египет беше потпишан во декември минатата година.