Тројца странски војници и двајца Авганистанци загинаа, а двајца се повредени при самоубиствен напад, што се случи денеска во близина на најголемата воена база на САД во Авганистан, соопштија авганистанските власти.
Мета на бомбашот-самоубиец биле странските војници кои патролираат во близина на базата Баграм во источната авганистанска провинција Парван.
Се уште не е позната националноста на загинатите странски војници.
Талибанците ја презедоа одговорноста за нападот.
Засега нема коментар од страна на силите на НАТО.
Повредените цивили се две жени кои се префрлени во базата Баграм за да добијат лекарска помош.
Базата, која се наоѓа во близина на Кабул, Авганистан, честопати е мета на талибански напади, кои имаат за цел воведување ригорозна верзија на исламскиот закон во земјата.
НАТО официјално ги заврши своите воени операции во Авганистан во 2014 година, а оттогаш безбедносната ситуација во земјата е влошена.