За повлекувањето на УНМИК од Косово без договор за конечен статус веројатно би требало нова резолуција на Советот за безбедност на ОН, а нејзино донесување би зависело од Русија, изјави за Радио Слободна Европа Даниел Сервер, професор на вашингтонскиот универзитет Џонс Хопкинс и експерт за Балкан.
На прашањето дали УНМИК може да се повлече додека е во сила Резолуцијата 1244 на ОН за Косово, Сервер рече дека верува оти оваа иницијатива на Вашингтон е „дел од општата стратегија на САД да го намалат ангажирањето во мировните мисии на ОН“.
- САД, во принцип, се обидуваат да ги намалат овие мисии каде што можат. Дали е можно УНМИК да се повлече од Косово без договор за конечен статус – претпоставувам дека е, но за тоа веројатно би требало нова резолуција на Советот за безбедност на ОН, а се разбира, Русија би контролирала дали таа би поминала или не. Мислам дека Американците најверојатно ќе се обидат да го намалат бројот на персоналот и буџетот на ОН, но не знам колку луѓе има сега таму и колкав им е буџетот, така што не можам да ви кажам какви би биле последиците од тоа, рече Сервер.