Од денес започнаа да функционираат и телефонските броеви за донации за помош на 15-годишната Сара Настеска од Охрид, кај која неодамна е дијагностицирана Anemia Аplastica.
Сите граѓани на државата можат да донираат на телефонските броеви: T Mobile 143 102 и VIP 143 480.
Во меѓувреме охриѓани уште еднаш ја покажаа својата хуманост и преку бројни акции и иницијативи се организираат за да се соберат средства за лекување на Сара. Anemia Аplastica е болест која ја напаѓа коскената срж и не дозволува правилна регенерација на крвта во организмот, а трансплантацијата на коскената срж е единствениот спас за неа.
Болеста кај девојчето е утврдена на почетокот на месец август, а дијагнозата е потврдена со итна биопсија која е направена во Скопје, вели таткото на Сара, Горан Настески.
- На Универзитетската Клиника за хематологија во Скопје беше земен примерок коскена срж од пределот на карлицата. По утврдување на болеста, следуваше тромбоцитна терапија, со која имаше значително подобрување на здравствената состојба, што не траеше долго. На почетокот на овој месец повторно ѝ беше направена биопсија, која покажа резултати полоши отколку првата. Нашиот син Виктор има 13 години е единствен сроден донатор на коскена срцевина за неа. Во сите странски земји, третманот и лечењето на овој проблем на оваа возраст, спаѓа во рамка на специјализираните детски клиники, вели Горан.
Родителите со резултатите веќе се обратиле и воспоставиле контакти со познати клиники во Турција, Хрватска и Германија. Добиле понуди од Дизелдорф, Франкфурт, како и од специјализирана клиника во Вурзбург, од каде гарантирале висока успешност со низок ризик.
- Успехот кој е постигнат во лекување на многу деца, меѓу кои и едно од нашата земја, на иста возраст и со иста дијагноза како Сара е причината поради која веруваме во нив, рече Горан.
За да се изврши оперативниот зафат на трансплантацијата на коскената срж потребни се над 200.000 евра, пари што родителите не можат сами да ги обезбедат. Сите кои се во можност можат да помогнат со уплата на средства на следната жиро сметка: 200 001557959672 - Горан Настески, депонент Стопанска банка.