Заканувачот од Фејсбук кој преку споделена објава на социјалната мрежа предизвикал загрозување на сигурноста на пратеници во Собранието на Република Македонија ќе заработи кривична пријава.

Од МВР соопштија дека СВР Скопје во соработка со Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи до Основно јавно обвинителство Скопје ќе поднесе кривична пријава против А.Н. (38) од Коњари, поради основано сомнение за сторено кривично дело по чл.144 „Загрозување на сигурност“ и по чл.394-г „Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“ од Кривичниот законик на Република Македонија.

По издадена наредба од Основен Суд Скопје 1 Скопје, вчера е извршен претрес на домот и други простории на А.Н. при што се пронајдени и одземени предмети во интерес на истрагата, а А.Н. е повикан на службен разговор во полициска станица.

Од полицијата информираат дека Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика и понатаму ќе продолжи со активностите со цел санкционирање на ваквите случаи.

– Ги повикуваме сите граѓани кои се изложени на вакви закани или сведочат за вакви закани, да ги пријават во најблиската полициска станица или на адресата cybercrime@moi.gov.mk, истакнуваат од МВР. Министерството за внатрешни работи посочува дека нема да се толерираат закани по живот на граѓани и повици за насилство и ќе ги презема сите потребни мерки за зачувување на јавниот ред и мир.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/10/2018 10:30