Претседателите на Хондурас, Хуан Орландо Хернандез и на Гватемала, Џими Моралес, кои се под силен притисок од администрацијата на Трамп во врска со миграцијата, вчера се сретнаа за да разговараат за причините поради кои граѓаните ги напуштаат нивните земји и тргнуваат кон границата со САД.

Двајцата претседатели повикаа да се идентификуваат организаторите на масовните миграциски текови.

Претседателот на Гватемала пристигна во Хондурас со цел со неговиот колега да разработи акциски план за запирање на миграцијата на граѓаните на двете земји во САД.

Лидерот на Хондурас рече дека илјадници негови сонародници се вратиле, а неговиот колега од Гватемала побара и истрага за луѓето кои „охрабруваат или учествуваат“ во миграциските текови и рече дека „мора да им суди според меѓународното право“.

Двајцата претседатели постигнаа согласност за „неопходноста да се инвестира во нивните земји, за да се создадт можности за наоѓање работа“.

Илјадници мигранти вчера стигнаа до главниот град на Мексико и ноќта ја поминаа на стадион. Ова се случува во пресрет на изборите на средина на мандат во САД, пред кои претседателот Трамп миграцијата ја направи централна тема на предизборната кампања на Републиканската партија.

Мексиканските власти соопштија дека до вчера на пладне преброиле повеќе од 2.000 лица кои влегле на стадионот „Хесус Мартинес“ и рекоа дека приливот не запира. Стадионот е со капацитет од 6.000 лица и таму биле поставени четири големи шатори за спиење. За мигрантите е обезбедено облека, храна и душеци, но се уште недостасуваат топли ќебиња



Автор: Администратор
Објавено на: 06/11/2018 13:41