Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан во интервју со германскиот весник „Ди Велт“ изјави дека би било почесно да им се стави крај на преговорите за членство помеѓу ЕУ и Турција и двете страни да се фокусираат на она што е изводливо.

– Сметам дека на долг рок би било почесно за ЕУ и Турција да тргнат по нов пат и да ги прекинат преговорите за членство. Но, одлуката, се разбира, им припаѓа на земјите членки. Членството на Турција во ЕУ не е реалистично во догледна иднина, кога ги гледам изјавите на францускиот претседателт Емануел Макрон, и расположените на луѓето во многу земји членки, истакна Хан.

Притоа, додаде Хан, држењето до пристапните преговори оневозможува изнаоѓање друг вид на стратешко партнерство помеѓу двете страни, и покрај тоа што Турција сѐ повеќе се оддалечува од стандардите на ЕУ.

Хан оценува дека дијалогот со Анкара треба да продолжи и тој ќе отпатува таму во средината на ноември.

Според Хан, Брисел и Анкара треба да се фокусираат на изводливи и стратешки теми.

– На пример во областа на енергијата, борбата против тероризмот, миграцијата, меѓународната соработка за реконструкција на Сирија и трговските односи. Проширувањето на царинската унија е конкретен проект кој би им донел бенефит на сите. Треба наскоро да го отвориме прашањето за царинската унија, истакна Хан.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/11/2018 13:50