Пивара Скопје во врска со случајот за можно труење со храна на вработени во таа компанија, за што попладнето информираше и Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), соопшти дека неколкумина вработени се пожалиле на стомачни тегоби, како и дека се преземени проверки за да се откријат можните причинители. Повеќе информации најавува по резултатите од надлежните институции.

– Потврдуваме дека неколкумина вработени во Пивара Скопје се имаат пожалено на стомачни тегоби. Состојбата на сите овие вработени ја следиме контиуирано и се надеваме дека тие наскоро ќе бидат добро. еднаш по појавата на првите симптоми, Пивара Скопје и надворешниот добавувач на угостителски услуги, во соработка со надлежните државни институции – Институтот за јавно здравје и Агенцијата за храна и ветеринарство, ги презедоа сите неопходни чекори и проверки за да се откријат можните причини и да се изолира ваквата појава. Повеќе информации би биле во можност да споделиме откако ќе ги добиеме резултатите од надлежните институции, стои во соопштението.

Како што се додава, сите вработени во компанијата добиваат редовен оброк подготвен и дистрибуиран од страна на надворешен добавувач. Безбедноста и здравјето на сите наши вработени е највисок приоритет за компанијата, потенцира Пивара Скопје.

АХВ претходно соопшти дека по добиено известување од Центарот за јавно здравје дека неколку работници во скопска фабрика за производство на пиво и сокови се затруле со храна, нивни и инспектори од Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Центарот за јавно здравје вршат вонредна инспекциска контрола во мензата.

Целта на контролата, соопшти АХВ, е утврдување на евентуалниот причинител на труењето.

Инспекциските служби ќе земат мостри од храната што се подготвувала/послужувала како оброк за вработените, како и брисеви од работните површини и од вработените во мензата. -Причините за труењето ќе бидат утврдени со лабораториско испитување на земените мостри храна и брисевите, а резултатите од анализите ќе бидат познати за неколку дена, информира Агенцијата.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/11/2018 21:19