Турското Обвинителство издаде налог за апсење на најмалку 103 припадници на Вооружените сили на Република Турција (ТСК), поради поврзаност со движењето на Фетулах Ѓулен кое Анкара го смета за одговорно за обидот за државен удар во Турција на 15 јули 2016 година, јави агенцијата Анадолија.
Одделот на истанбулското Обвинителство за тероризам и организиран криминал продолжува со истрагите и акциите за апсење на лица поврзани со движењето на Ѓулен, а овој пат станува збор за припадниците на турската армија, прецизира агенцијата.
Врз основа на докази дека преку телефон шифрирано комуницирале со припадници на движењето на Ѓулен, издаден е налог за апсење на најмалку 103 припадници на армијата, меѓу кои и двајца полковници, двајца поручници, шест мајори, 14 капетани, 21 потпоручник и други офицери.
Во најмалку 32 турски градови веќе се спроведува истовремена акција за апсење, а од 103 турски војници, 74 се веќе уапсени.