Петкратниот светски шампион Луис Хамилтон се закани дека ќе ја напушти Формула 1, ако организаторите продолжат да додаваат нови натпревари кон доста оптоварениот календар. Хамилтон ја обезбеди петтата титула по освоеното четврто место на ГН на Мексико, која беше 19-та трка во текот на сезоната. Бразил и Обединетите Арапски Емирати се последните две натпреварувања за сезонава, а последната е на 25 ноември.

Сезонатата 2019-та, исто така, ќе има 21 трка од средината на март до почетокот на декември, а сопствениците на „Либерти Медија“ имаат намера да додадат повеќе трки. Во 2020 година за прв пат ќе има натпревар во Виетнам и се шпекулира со друга американска трка во Мајами.

Хамилтон, сепак, не е фан на овие идеи и навести дека би можел да го напушти спортот ако календарот продолжи да се зголемува.

– Нема да бидам тука ако се стигне до 25 трки, тоа е сигурно. Веќе се чувствува како да сме на 25-та трка оваа година, па не мислам дека тоа е добра работа. Мислам дека најдобро беше кога имаше 18 трки. Јас сум човек кој навистина сака да се натпреварува, но сезоната е долга. Тоа е голем ангажман за сите нас и многу време далеку од нашите семејства, а сезоните стануваат подолги и одморот станува помал, рече Британецот во Бразил.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/11/2018 21:39