Генералниот менаџер на Филаделфија 76-ерс, Елтон Бренд ја официјализира најголемата зделка од почетокот на сезоната во НБА.
Двократниот учесник во „Натпреварот на ѕвездите“ како играч потврди преку клупскиот сајт дека Џими Батлер веќе е кошаркар на Сиксерс, а во тимот ќе пристигне и Џастин Патен, а во спротивна насока кон Минеаполис одат Џерид Бејлис, Роберт Ковингтон, Дарио Шариќ, како и избор од вториот круг на Драфтот во 2022 година.
– Продолжуваме да напредуваме и да додаваме елитни играчи кон нашето талентирано младо јадро. Во лицето на Џоел Ембид и Бен Симонс имаме двајца топ 20 играчи, а сега носиме и трет таков – Џими Батлер. Тој е еден од најдобрите во целата Лига и во двете фази на играта. Овој потег не прави уште поконкурентни на најдобрите тимови во НБА, покоментира Бренд.
Батлер пристигна во „градот на братската љубов“ по 10 одиграни натпревари за Минесота Тимбервулвс оваа сезона, во кои показателите му беа 21,3 поени, 5,2 скока, 4,3 асистенции и 2,4 одземени топки за 36.1 минути во просек на натпревар.