Во шампионот на НБА, Голден Стејт Вориорс има сериозни тензии, објави EСПН.
Според истиот извор, ова се случува првпат откако „воините“ доминираат во Лигата и освоија три титули вод четирите последователни финалиња, кои ги одиграа.
Причината за тензиите е момент од финишот на средбата со Лос Анџелес Клиперс, кога во последните секунди на регуларното време при нерешен резултат, Дрејмонд Грин ја задржа топката со идеја да нападне сам, наместо да му подаде на Кевин Дурант. Сепак, Грин не успеа да постигне кош, а во продолжението шампионите загубија со 116:121.
Дурант не беше среќен од одлуката на соиграчот и двајцата разменија лути реплики веднаш по случката, а според информациите потоа и во соблекувалната имало кавга, откако и останатите играчи исто така не биле задоволни од Грин. До посериозен инцидент не дошло, но ситуацијата била доста напната.
Дрејмонд Грин, кој е познат по тоа што е многу емоционален, се бранел и како резултат дошло до размена на реплики на висок тон.
Раководството на Голден Стејт се обиделе на секој начин да ги намали тензиите, а се очекува да се види во следните натпревари дали работите ќе се смират.