Граѓаните на канадскиот град Калгари преку референдумот ја отфрлија кандидатура за организација на Зимски олимписки игри во 2026 година. Повеќе од 300.000 жители гласаа на референдумот, а 56 отсто од нив беа против кандидатурата.

Иако референдумот не е обврзувачки, се очекува 15-члениот градски совет да ја почитува одлуката на граѓаните и да одлучи за повлекување на кандидатурата.

По отфрлањето на кандидатурата на Калгари, Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) ќе има само две кандидатури за ЗОИ во 2026 година, оние од шведски Стокхолм и италијанските Милано со Кортина Д’Ампецо.

Поради високата цена на организацијата, швајцарскиот Сион, јапонскиот Сапоро и австрискиот Грац уште порано с еповлекоа од трката, додека ИОК го елиминираше турскиот Ерзурум.

Домаќинот ЗОИ во 2026 година ќе биде назначен во јуни 2019 година.

Последните ЗОИ се одржаа во Пјонгчанг, Јужна Кореја, во февруари оваа година, а домаќин на следните во 2022 година ќе биде кинескиот главен град Пекинг.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/11/2018 12:37