Луис Хамилтон очекува поголема конкуренција во Формула 1 во 2019 година од Ред Бул, а посебно од Макс Верстапен.

Британецот освои четири од петте титули, со кои Мерцедес доминира во хибридната ера, а до неодамна битката беше само со неговиот поранешен тимски колега – Нико Розберг. Себастијан Фетел и Ферари беа вистински предизвик првпат оваа сезона. „Скудерија“ се надева дека ќе ги зголеми шансите следната година со вклучувањето на младиот Шарл Леклер во нивните редови.

Во почетокот на 2018 година, Ред Бул беше исто така закана, а Даниел Рикардо освои две трки. Потоа сепак дојдоа проблемите со моторот на Рено, кои го спречија тимот да направи повеќе и Австралиецот отпадна во осум од 20 трки.

Во последните неколку недели Макс Верстапен покажа силни перформанси и дури ќе победеше убедливо во Бразил, ако не беше попречен од Естебан Окон.

– Оваа година Ред Бул беа исклучително силни, па можам само да претпоставам дека следната година ќе бидат уште посилни. Мислам дека ќе биде одлично за овој спорт ако Ред Бул се вклучи во борбата со Ферари и Мерцедес, изјави Хамилтон пред „Скај Спортс“.

Тој потоа зборуваше за конкуренцијата со Верстапен и го пофали младиот Холанѓанец.

– Макс вози многу добро оваа година. Тој е неверојатен млад талент. Очекувам многу битки со него. Во Бразил имавме некои проблеми со моторот, па немаше начин како да му се спротиставам на патеката, но го чекам со нетрпение денот кога тоа ќе биде можно, заврши актуелниот шампион на Ф1.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/11/2018 18:22