Британскиот државен министер за Северна Ирска, Шаилеш Вара поднесе оставка поради несогласување со предлог-договорот за Брегзит, постигнат меѓу Владата во Лондон и ЕУ, објавија западните медиуми.

– Не можам да го поддржам договорот за напуштање, склучен со ЕУ, објасни Вара во писмото со оставката, објавено на неговиот налог на Твитер.

Вара, кој го поддржа организирањето референдум за излез од ЕУ, истакна дека задачата на премиерката Тереза Меј да го убеди Парламентот за поддршка на предлог-договорот е вистински предизвик.

Тој е прв член од кабинетот на Меј кој поднесува оставка, откако таа ја доби поддршката на Владата за договорот.

– Ние сме горда нација и е многу тажно што сме принудени да се потчиниме на правила, воведени од други држави, кои покажале дека немаат разбирање за нашите интереси. Можеме и треба да постигнеме повеќе, нагласи Вара во своето писмо.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/11/2018 10:38