Осумкратниот олимписки шампион и светски рекордер во спринт на 100 и на 200 метри, Усаин Болт откри дека до крајот на овој месец ќе одлучи дали ќе се приклучи на некој фудбалски тим или ќе се откаже од намерата за кариера во овој спорт.

Тој до неодамна тренираше со австралискиот Централ Коуст Маринерс, но двете страни не постигнаа договор и така спринтерот од Јамајка го напушти тимот.

– Со Централ Коуст не можевме да се договориме, па завршив со нив, но имам многу понуди од други клубови. Сега размислувам што да правим. Ќе одлучим пред крајот на ноември дали ќе се приклучам кон друг тим или ќе се откажам, изјави Болт.

Во меѓувреме, тој наведе дека за фудбалската кариера има поддршка од Пол Погба од Манчестер Јунајтед и Рахим Стерлинг од Манчестер Сити.

– Разговарав со Погба и Стерлинг, и тие се многу среќни да ме видат како се обидувам. Ми велат: „Ајде, можеш“. Тие ме поддржуваат, па нема да се грижам за она што некои обични играчи го велат за мене, бидејќи има врвни играчи кои знаат дека тоа е мојот сон и што сакам да направам. Не се работи за парите. Тоа е сон, и сакам да се обидам да видам колку сум добар, истакна поранешниот спринтер.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/11/2018 17:30