Возачот на Мерцедес, Луис Хамилтон може да добие казна на стартната линија во последната трка од календарот на Формула 1 во Абу Даби, поради евентуална промена на моторот.

Мерцедес веќе откри дека моторот на Луис бил оштетен на последната трка за Големата награда на Бразил.

Шефот на инженерите на „сребрената стрела“, Џејмс Воулс објасни дека биле направени бројни промени на погонската единица, за да биде сигурно дека Луис ќе оствари беспрекорна трка.

– Ако само се вратиме малку назад и погледнеме што се случи за време на трката – токму по првиот питстоп на Луис беше забележан значаен проблем за кој баравме помош од неколку места. Го имавме тимот од Бриксворт, со кого комунициравме по Интерком, ги имавме инженерите на патеката и сите заедно се обидувавме да најдеме решение за трката да помине на најдобар можен начин. Направивме многу промени во текот на 40-50 круга. Инженерите зборуваа и со Луис во исто време, за да му објаснат како тој би помогнал од кокпитот, изјави Воулс.

Моторот ќе биде тестиран во текот на викендот во Велика Британија пред да се одлучи дали ќе се користи или ќе биде заменет со нов.

– Постојат одредени оштетувања на моторот, но се уште не знаеме какви точно, вели Воулс.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/11/2018 18:17