Неколку илјади Чеси се сообраа вечерва на протести во Прага со барање за оставка на чешкиот премиер Андреј Бабиш поради скандалот со злоупотреба на средства од европските фондови.

Бабиш се соочува со обвиненија дека пред десетина години злоупотребувал средства за субвенции од ЕУ наменети за негова фарма, чија сопственост ја префрлил на членови на семејството, меѓу кои и на синот, кој има ментално заболување.

Притисокот врз Бабиш се засили откако интернет порталот „Сезнам зправи“ објави снимена изјава на синот на Бабиш, Андреј Бабиш Помладиот, кој живее во Швајцарија, заедно со неговата мајка и поранешна сопруга на чешкиот премиер.

Во изјавата, веројатно снимена со скриена камера, Бабиш Помалдиот вели дека бил натеран да замине на полуостровот Крим, со цел да не биде повикан како сведок во истрагата што се води против неговиот татко.

Тој тврди дека на Крим го одвел човек, кој бил сопруг на психијатарот која го прегледала и кој бил советник на неговиот татко во времето кога чешкиот премиер беше министер за финансии. Според Бабиш Помладиот, неговото префрлање на Крим било по идеја на татко му.

По ова, шест чешки опозициски партии во вторникот побараа од Бабиш да поднесе оставка, тврдејќи дека истрагата за случајот со злоупотребите на фондовите од ЕУ не може за биде целосно спроведена се додека тој се наоѓа на премиерската функција. Партиите најавија дека ќе иницираат и изгласување недоверба на Бабиш во Парламентот.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/11/2018 23:28