Францускиот претседател Емануел Макрон, при официјалната посета на Белгија, порача дека неговата земја продолжува да го поддржува Пактот за миграции на ОН.

Овој пакт склучен во јуни од страна на сите членки на Обединетите Нации, со исклучок на САД треба да биде потпишан во декември на официјална церемонија во Мароко и има за цел да го регулира третманот на миграциските текови во светот.

Но сѐ повеќе земји од Европската Унија најавија дека нема да го потпишат пактот, како Чешка, Унгарија, Бугарија и Австрија бидејќи сметаат дека содржината на договорот е спротивна на нивните принципи на одвојување легална и нелегална миграција.

Францускиот претседател од Брисел порача дека неговата земја јавно го поддржува пактот и потсети дека тој не е обврзувачки и дека текстот е „добар“ затоа што ќе овозможи да се „подобри соработката“.

– Има дебати во Европа, легитимни дебати, има доверба во исходот што ќе го изнајдат и сакам да привлечам внимание на невистините кои се шират за овој договор, кој е необврзувачки и оди во правец на европските интереси, изјави Макрон.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/11/2018 15:05