Турски иследници имаат 11-минутна аудио снимка од Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул, која е поврзана со убиството на новинарот Џамал ​​Кашоги, изјави денеска новинарот на телевизијата ХаберТурк, Четинер Четин.

На снимката се слушаат гласови на седум Саудијци, како и докази за претепување на саудискиот новинар Џамал К​ашоги.

Четин изјавил дека добил потврда од свои извори во САД, според кои директорката на ЦИА Џина Хаспел ги слушнала тие снимки.

Првата седумминутна снимка била направена на првиот кат на конзулатот на рецепцијата на визниот оддел. По пристигнувањето на Кашоги на 2 октомври, тој бил пречекан од четворица Саудијци кои пристигнале истиот ден од Ријад (од кои четворица биле дел од тимот убијци кои пристигнале од Саудиска Арабија). Еден од Саудијците го фатил под рака новинарот, кој нагло реагирал на тоа и рекол дека сака да му биде пуштена раката. Понатаму, на снимката се слушало како Кашоги со висок тон разговара со луѓето .

Втората четириминутна снимка била направена во канцеларија во близина на приемниот оддел. На снимката се слушаат гласовите на седум лица (освен новинарот), како и навреди, и звуци на тепање. Иследниците идентификувале шестмина од лицата чии гласови се снимени. Досега, идентитетот на седмиот човек е непознат.

Во просторијата каде што бил претепан Хашоги, покрај четворицата Саудијци кои го пресретнале новинарот, бил и еден од телохранителите на саудискиот престолонаследник, принцот Мохамед бин Салман. Се верува дека телохранителот Махер Абдел Азиз Мутреб бил „координатор на групата убијци“. Според иследниците, тој рекол: „Предавник, ќе одговараш“.

Се тврди дека во собата бил и генералниот конзул на Саудиска Арабија, Мохамад ал-Отајби.

Четинер Четин изјави дека после насилството новинарот не можел да стои на нозе и не е јасно што се случило потоа, затоа што Саудијците активирале специјални системи за придушување.

Освен тоа, пред Кашоги да пристигне во Конзулатот, биле исклучени сите 19 камери во внатрешноста на објектот.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/11/2018 15:13