Претседателот на јапонскиот произведувач на автомобили „Нисан Моторс“ Карлос Госн e уапсен поради финансиски малверзации, јави Би-Би-Си. Компанијата соопшти дека интерната истрага покажала дека челникот на компанијата Карлос Госн прикажувал помал профит од реалниот и преземал други незаконски дејствија.

Госн, кој е претседател на бордот на директори на Нисан и вршител на должност претседател на партнерството меѓу Нисан, Рено и Мицибуши Моторс, е уапсен поради сомневање за кршење на финансиските закони. Јапонското Обвинителство се уште не излезе со информација за случајот.

Од „Нисан моторс“ соопштија дека Госн и директорот Грег Кели во извештаите поднесени до Токиската берза прикажувале помали износи за бонус и додатоци на плата од реалните за да се намали објавениот износ на надомест кој го примал Госн.

Од фирмата информираат дека интерната истрага покажала дека користел и пари од компанијата за свои лични потреби. Интерната истрага беше почната пред неколку месеци по дојава од „свиркачи“ за неправилности во финансиското работење.

На состанокот на Бордот на директори в четврток ќе биде предложено негово разрешување, соопшти денеска јапонскиот произведувач на автомобили и најави прес-конференција за случајот во текот на денот.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/11/2018 15:57