Стотина борачи од единаесет клубови од Македонија и два од Бугарија учествуваа на меѓународниот турнир во борење „Легендите на Спартак“, што по дваесет и прв пат го организираше борачкиот клуб „Спартак“ од Кочани.
Меморијалниот натпревар е продолжение на досегашниот турнир „Андонов – Колев“ и се одржува во спомен на сите борачи кои во изминатиот период дале придонес за развој и популаризација на борењето.
– Борењето во Кочани има долга традиција и е еден од најтрофејните спортови кој во изминатите децении даде многу познати имиња кои го одбележаа спортското живеење на градот, но и на државата. Освоените шампионски титули, огромниот број медали и признанија засекогаш потсетуваат на успесите што борачите од Кочани ги постигнаа на домашните натпреварувања, но и на меѓународните турнири, првенства и на олимписките игри. Затоа тие заслужуваат да се нарекуваат легенди, бидејќи оставија траен белег во нашата спортска историја, истакна Ѕвонко Георгиев, претседател БК „Спартак“.
Борачите од пет возрасни генерации настапија во девет категории во машка и две во женска конкуренција.
Турнирот во Кочани се одржа под покровителство на локалната самоуправа, а со поддршка од Федерацијата на борачки спортови на Македонија.