Шампионот на НБА, Голден Стејт го победи драматично дома со 117:116 тимот на Сакраменто Кингс во средба од регуларната сезона на НБА.

Тоа беше втор последователен успех за „воините“ по завчерашниот триумф над Портланд. Домаќините повторно беа без својот лидер Стеф Кари, кој се очекува да ги обнови тренинзите со тимот следната недела, откако заработи повреда на препоните во натпреварот со Милвоки во почетокот на месецот.

За победниците најпрецизен беше Кевин Дурант, кој постигна рекордни за него во сезоната 44 поени, откако придодаде кон нив 13 скока и седум асистенции. Клеј Томпсон заврши со 31.

За гостите Бади Хилд забележа 28 поени, а Марвин Багли III се истакна со „дабл-дабл“ – 20 поени и 17 скока, но тие се покажаа недоволни за „кралевите“.

На овој начин „воините“ се со биланс 14-7, додека Кингс исто така остануваат со позитивни индикатори и покрај поразот – 10-9.

Во следните дуели, Голден Стејт го пречекуваат дома Орландо Меџик, а Сакраменто се домаќини на Јута Џез.

Еве ги и останатите резултати од вечерта во НБА:

Кливленд Кавалирс – Хјустон Рокетс 117: 108 Вашингтон Визардс – Њу Орлеанс Пеликанс 124: 114 Минесота Тимбррвулвс – Чикаго Булс 111: 96 Оклахома Сити Тандер – Денвер Нагетс 98: 105 Далас Маверикс – Бостон Селтикс 113: 104 Милвоки Бакс – Сан Антонио Спарс 135: 129.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/11/2018 13:34