„Одлуката на владата да го продаде земјиштето со цел да се изградат 60 – катници е противуставна исто како и изградбата на трговскиот и станбен простор од страна на „Лимак“ на Јужен булевар. Во моментов на граѓаните на Центар прегазено им е уставното право да живеат во здрава животна средини (Скопје е најзагаден европски град) и одлуките кои не одат во прилог на воспоставување на нормални услови за живот се противзаконски. За ваквите одлуки владините функционери и локални власти во иднина ќе бидат изведени пред лицето на правдата“, сметаат активистите на здружението Во одбрана на Дебар Маало.

Голема фама во јавноста се крена и по сознанието дека токму на тоа место ќе никнат 60-катници предвидени со урбанистичкиот план. Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ вели дека 60-катници таму нема да се градат. Урбанистичките планови во моментов се под мораториум, а што точно ќе се гради на тоа земјиште засега не се знае.

Парцелата од 9 илјади метри квадратни е купена од две фирми за сума од 312 евра по квадрат. Првата е М.Г. Фешн и втората фирма „Обновители“ во која како косопственик се јавува и МПЦ. Од министрството за транспорт велат дека цената е утврдена согласно законот за градежно земјиште. Договорот е склучен пред точно еден месец, со непосредна спогодба, а од продажбата на сметка на буџетот легнале нешто околу 2,9 милиони евра.

-Се е во согласност со Законот за градежно земјиште, тоа може секој да го провери и ги повикувам сите институции и заинтересирани да го сторат тоа. Согласно Законот за градежно земјиште секој кој има повеќе од 30 проценти од парцелата му се дава можност да го откупи градежното земјиште. Така е постапено и во овој случај, а има позитивно мислење и од Државното правобранителство, изјави министерот Горан Сугарески.

На оваа атрактивна локација и МПЦ ќе добие станови и деловен простор, како замена за земјиштето што го дале на инвеститорот. Велат дека тие не учествуваат во купување на никакво државно земјиште, ниту пак ќе учестуваат во градењето на таа локација.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/11/2018 23:04